Фросина од Скопје: „За децата барам храна од контејнери само да не се гладни„

Фросина  со семејството живее во субстандардни услови. Во напуштена барака во која од сите страни дува, во која е темно и сиво расте 4 деца. И, таа имала лошо детство во истиот тој дом, а, сега-ќе каже таа нејзините деца дупло повеќе страдаат. Нема ден да не бидат гладни. Сиромаштијата ги тера секојдевно да го барааат спасот и по контејнери. Овие деца топла вода која ја греат на примитивно направен греач од капачиња, чувствуваат само еднаш годишно. Толку пати во годината и се бањаат. А, мораат да седнат рамноправно со останатите дечиња во училишните клупи. Затоа можеби и секоја ноќ во прокиснатата соба во која спијат сонуваат за розева детска соба со барбики. Чиста облека. И, топла храна што е најважно. Кога се болни, овие деца не пијат лекови. Го загреваат грлото само со чај од шеќер ако има мајка им да свари. А, во зима се покриваат со повеќе јоргани за да се загреат. Зашто со 6700 денари колку што зема месечно оваа мајка не може да ги исплати долговите кои досега ги има, а не да купува храна и дрва. Оваа мајка се буди и заспива задавена од солзи, и единствено што бара една топла соба која ќе биде дом за неа и нејзините деца-вели таа за „Срце на дланка„.

Фросина детството го минала во Автокоманда, во бараките на Македонски фолклор каде работел некогаш нејзниот татко. Поради слабата моторика од нормално нејзината мајка ја запишува во специјално училиште, а, услови за да заврши средно образование немала. Можеби тоа е и првиот удар врз среќната иднина на оваа несреќна мајка. А, потоа и раното влегување во светот на возрасните и станувањето мајка на 15 години ќе ја запечатат среќата во нејзиниот живот.

-Ме тепаа и мене и ќерка ми и морав да излезам од домот на свекрва ми. Ниту еднаш не ми дозволија да си го видам детето. Колку е тоа болно за една мајка. Потоа, на свет дојдоа и другите деца, и животот ми стана комплициран-вели оваа тажна мајка.

Можеби неискусноста и сиромаштијата ќе го направат своето, па, уште првата година кога го раѓа првото дете, поради недоразбирања со свекрвата и многу малтретирање-како што вели таа, ќе биде избркана од домот на сопругот и никогаш нема да и биде дозволено да го види првото дете. Потоа, создава поголемо семејство, но, не и подобри услови за живот. Условите во кои живее со децата се многу лоши и тие освен кон болести кон друго и не водат. А, малите се толку гладни, што маката ги натерала од мали нозе да се снаоѓаат и да просат во најблиските фурни или да бараат храна од кантите за отпадоци.

-Живеевме само со социјалната помош од татко ми. Еднаш годишно ги бањам децата. Храна немаме, а, децата си бараат. Во училиште им се смеат, а, јас одам по околните пекари и се молам за некоја кифла. Принудени сме да бараме храна и во корпи за отпадоци-вели Фросина.

Освен таа и децата, во оваа напуштена барака до пред една недела живееше  и болниот татко на Фросина. За жал тој овој хорор не успеа да го преживее, па, додека ја подготвувавме сторијата за неа тој ја напушти и ќерката, и внуците и овој свет. Како да немаше повеќе сили да се бори со сиромаштијата. А, можеби сето ова е и знак до оние кои можат да помогнат дека на ова семејство треба да му се помогне веднаш и дека никој вака не смее повеќе да живее.

Оваа страдна жена кога можела работела како хигиеничарка, но, тоа траело кратко зашто била избркана. Денес, животот освен на неа, пеколен им е и на нејзините деца, па, затоа се моли за помош за кров над глава, а, за се друго вели таа ќе се снајде како знае и умее.

-Кога можев работев. Но, кога бев бремена ме избркаа и повеќе не можев да се вработам. Не се живее повеќе вака. Каде и да се обратам само ми велат оди во Чичино село, оди во Чичино село. А, кого и да прашате ќе ви кажат дека таму не е добро. Како да им го доискомплицирам животот на децата. Зарем досега не живееа лошо? Се што барам е само една топла соба и храна за и моите деца да можат поубаво да живеат.