Александра Тасевска потекнува од Крушево. Живеела во Штип, а се омажила во Велес уште на 15 години. За жал уште како многу мала доживува сообраќајна несреќа во која едвај останува жива. И, ќе рече таа, можеби подобро ќе беше тогаш Господ да ме земеше и да ми ги скрати маките, наместо вака да се мачам сиот свој живот. А, на возраст кога родител најмногу треба да му се посвети на своето дете и да разговара со него, таа ќе ја изгуби сета комуникација со родителите. За волја на вистината дури ќе биде избркана на улица од семејниот дом на 12 годишна возраст.
-Имав само 12 години кога родителите ме избркаа од дома. На улица се снаоѓав за парче леб. Имам уште една полусестра и нејзе мојата мајка ја избрка од дома. Од тогаш животот ми стана пекол- започнува да ја раскажува Александра својата тешка животна приказна.
Од денот кога вратите од семејниот дом ќе и бидат затворени, за Александра се отвора само живот полн проблеми. Па така, еден ден таа ќе биде киднапирана и 13 дена во стан од група машки ќе биде силувана и малтретирана. Завршува извесно време во Дом за деца без родители, па за да не заглави по домови одлучува дека најдобро е да се заљуби и да создаде семејство. Па, иако и самата таа сеуште е дете, таа ќе роди свое дете на 15 години, кое веднаш ќе и биде одземено од родителите и досега и немаат дозволено да го види. Таа болка кон чедото ќе и задеде нова сериозна болест –мозочен удар и спреченост да се грижи за себе.
-Еден ден после училиште група момци ме киднапираа и во стан врзана ме силуваа и тепаа 13 дена. Се уште имам трауми од тој период. Веќе ништо не беше како порано. Среќа тринаесетиот ден ме ставија во кола и некаде се упатија, па полиција не запре на автопат и ме спасија. Инаку којзнае што ќе се случеше. Од тогаш си реков нема спас за мене, мора да најдам чаре за да се спасам и преживеам. Па се омажив на 15 години. Не ни претпоставував што ќе ме чека во иднината. Сопругот и неговите родители ме малтретираа и бремена ме исфрлија на улица-вели таа.
Александра еден ден додека бремена и во солзи спие под железничката станица, ќе наиде нејзиниот ангел чувар, баба Цецка, која до пред една година ќе ја вдоми и ќе и даде парче леб и покрив над глава, а нејзниото бебе ќе го сака како свое внуче. Но, тој безгрижен живот ќе трае само додека е таа жива. Па така, последнава година Александра освен без баба Цецка, повторно без приход, без работа, без храна, а за жал и без струја. Тоа ќе ја принуди на 10 јануари оваа година да се врати кај сопругот, кој дупло повеќе ќе ја тепа и малтретира и затоа ќе биде пријавен и во полиција.
-Додека бев бремена и плачев гладна и премрзната под железничката станица во Велес, се појави мојот ангел чувар. Ме фати за рака и ми рече ќе дојдеш кај мене и јас ќе се грижам за тебе и за бебето. Така и беше, имавме многу убав живот, разбирање и прекрасни моменти. Го сакаше син ми Никола како вистинска баба. Но, тоа траеше додека беше жива. Кога не напушти, не напушти и безгрижниот живот. Јас повторно останав без приход и поддршка. Сега повторно преживувам со син ми. А, и секој момент е можно внуците на баба Цецка да ме избркаат од станов во кој нема ни струја –додава Александра.
Никола е темпераментно момче приврзано за својата мајка. Но, како и секое дете се плаши од темнината со која секојдневно се соочува откако ќе се спушти мракот. Тие преку ден ја полнат ламбата за да може во најтемното макар да си ги видат лицата. Но, немаат спас за гладот и сиромаштијата која секој ден ја трпат и против која неуморно се борат. Сепак, најмногу се плашат да не останат повторно на улица бидејќи вниците на бабата може да ја избркаат од куќата.
-Со мама живееме во темница. Морам да читам додека е ден зашто навечер светиме со ламбата која преку ден полниме кај соседите. А, многу се плашам од темнината-вели 8 годишниот син на Александра, Никола.
За ова семејство да може да продолжи да функционира и да има живот како порано, потребно е да се обединиме и да им помогнеме да создадат свој дом.



