Венчо Ефремовски: Да може да се врати времето никогаш не би си ги оставил децата

Венчо пораснал во Пробиштип. Имал скромен, помалку сиромашен живот во куќата на своите родители во која живее и денес. Се жени и целата енергија ја вложува во семејството. Му се раѓаат Мартина и Виктор. Цела радост на овој свет. Но, кога ќерката полни шест , а синот четири години, мајката заминува и ги остава. Оставајќи ги и децата сиот живот да патат по вистинска мајчина љубов. Затоа, Венчо затечен и неподготвен одлучува да ги даде децата во дом.

-Убав ми беше животот како млад. Сиромашен ама добар. Се запознав со мојата идна сопруга и создадовме семејство. Но, еден ден кога допрва требаше да почнеме да се радуваме со децата, таа си замина. Јас останав сам да се грижам за децата. Колку плачеа тие, плачев и јас зашто не можев да им понудам живот каков што заслужуваат- започнува да ја раскажува својата животна судбина Венчо.

И, можеби ниту најтешиот рударски ден не може да се спореди со денот во животот на овој тажен човек, кога тој ќе одлучи да ги предаде Мартина и Виктор во домот за деца без родители 11 октомври. Иако, животот знае да биде непредвидлив, па на нив им се насмевнува среќата па денес тие не ја осудуваат постапката на нивниот татко.

-Сиот живот бев рудар. И, не се пожалив ниту еднаш од работата, ама денот кога ги оставав децата во Дом за деца без родители не можев да си ја составам душата од болка. И, целиот живот жалам поради тоа. Ама, горд сум што моите деца израснаа во сигурни и стабилни луѓе. Мартина и Виктор имаат свои семејства и благодарение на Елена Лука која ги израсна како свои деца и им ја даруваше љубовта која требаше да им ја дариме јас и вистинската мајка , денес тие се луѓе на место кои бескрајно го ценат семејството- со солзи раскажува Венчо.

Можеби осамен, но некако после таа постапка врви животот на овој рудар. Доживувал многу несреќи, многу перипетии и премрежја, но никогаш не заборавил на неговото богатство во Скопје, синот Виктор и ќерката Мартина.

-Кога имав време секој миг го делев со нив. Тие за мене и денес да ги прашате ќе кажат дека сум најдобриот татко. И, не ме обвинуваат. Само јас да можам да го вратам времето, никогаш не би го направил тој потег повторно. Сега ги молам за прошка- со каење во гласот ја привршува својата приказна овој човек.

Во моментов Венчо живее многу тешко. Има потреба од многу лекарства, кои доколу ги купи со минималната инвалидска пензија од 10000 останува и без храна. И тоа често. Затоа принуден е да јаде бајат леб, еднолична храна, но и да моли за помош да може да замине во Скопје за да се излечи и повторно да може да застане на нозе.

-Тешко живеам. Фала ви што дојдовте да ме посетите и да ви ја раскажам маката. Староста не била воопшто лесна. Имам сериозни болки во кичмата, нозете. Не можам да одам и едвај го минувам денот. Од парите што месечно ги земам, ми стигнува само за бајат леб и некоја паштета. Има денови и кога останувам гладен. Најголема желба ми е да имам средства за да можам да заминам и да се излечам во Скопје. Не дека не верувам на докторите тука во мојот град, но, сепак сакам да ме видат специјалисти и да можам повторно да застанам како некогаш на нозе-ја завршува за „Срце на дланка„ својата тажна сторија овој самец.