Виолета Петрушевска: Животот на син ми зависи од финансиите

Виолета Петрушевска е борбена жена која ни самата не е свесна колку е силна. За жал на тоа ја научил животот. Зашто наместо да ужива и да се радува на децата кои Госпо и ги дарил таа веќе 20 години често е присутна по болниците борејќи се да го одржи во живот своето дете Филип, кој на шест годишна возраст престанал да расне и да се развива бидејќи боледува од сериозна болест на бубрезите која влијае на хормоните за раст.

-До шест години се беше нормално. Си раснеше како и сите деца. Кога забележавме дека не продолжува да расне отидовме на лекар каде ни кажаа дека има сериозна хронична болест на бубрезите. Продолжи да оди на училиште, иако му беше скратено детството и на секои четири часа дома му правевме дијализа- се присетува за „Срце на дланка„ оваа 47 годишна тажна мајка.

Тешки години минува Филип и неговото семејство додека е тој дете. Тешки операци, непроспиени ноќи, незивесности… Но, еден ден семејствто дознава дека доколку се пресади бубрег од жив донор може да се продолжи нормалниот живот на малиот Филипче.

-На 12 годишна возраст дознав дека мора да одам на операција за трансплантација на бубрегот. Татко ми беше донатор. Жив донор. Бев најмладиот пациент во земјава, на кого му е извршена ваква операција. Знам само дека едвај чекав да легнам и да продолжам да живеам нормално како сите дечиња –се присетува Филип на своето тешко детство.

Кратко трае среќата и купениот нов живот на Филип. Па, немајќи друг излез тој на 17 мај 2018 година започнува да живее нов живот. Овојпат шансата за живот ќе му биде хемодијализата која мора да ја прави три дена во неделата.

-Последните години секој три дена во неделата одам на хемодијализа. Многу ми е тешко тој ден. Буквално не функционирам. Само легнувам и спијам до другиот ден. Тешко ми е другите денови. Имав неколку операции кои ми ја отежнаа состојбата. А, сакам како и другите на моја возраст да работам, да шетам, да уживам в животот. Јас освен во болница и во кревет ништо друго не правам. Ова не е живот. Сега имам нова шанса но, дали ќе успеам не знам. Животот мој зависи од парите-заршува ова младо момче.

Денес, Филип е пред нова шанса за живот. Повторно ова 26 годишно момче може да се радува на животот ако му се помогне да замине на вкрстена трансплантација во Турција каде ќе му го прочистат телата од антитела и ќе му пресадат нов бубрег. Но, патот и шансата за тој нов живот зависат само од финансиите.

-Многу ми е тешко за син ми. Секој миг додека сум на работа го мислам. Пропаѓа во најубавите години. Го замолувам хуманиот народ да ни помогне да собереме пари за да заминеме во Турција за да може и моето дете да се врати и нормално да живее како и сите останати-со солзи во очите замолува Виолета.