Влатко Давитковиќ: Морам да работам за да обезбедам леб за сестра ми и браќата

Влатко, Иван, Марина и Мирослав се родени како деца со посебни потреби. Живеат од кога знаат за себе во семејната куќа во населбата Радишани. Кога биле цело семејство ќе речат Влатко и Марина, било се поразлично. Иако, учеле во училиште за деца со пречки во развојот, сепак знаеле да бидат и среќни. Но, во 2015 година умира таткото, 2019-та мајката, а, со тоа се рушат и носечките столбови во овој дом и ова семејство.

-јас прва ја најдов мама како лежи беспомошно. Многу се исплашив. Ја допрев, беше многу ладна. Но, не смеев да плачам да не го вознемирам Мики, зашто тој ако не разбира, сепак чувствува. Но, и да плачам и да не плачам неможам да ја вратам мама назад- вели Марина, единствената сестра во ова семејство.

Најмалото братче Мирослав, или Мики како што знаат да го наречат најблиските од сите нив е со најголема попреченост. Марина секој ден го носи и враќа од училиште за деца со посебни потреби.

-Многу лошо искуство имам од моите средношколски денови. Никој не сакаше да се дружи со мене во класот. Постојано ме навредуваа и оставаа сама. Целото образование го поминав така. Сама без ниту една другарка. Не ме сакаа зашто сум поразлична од нив. Зашто моите родители немаа многу пари- се присетува Марина на тој тежок период.

Влатко, најстариот брат и покрај својот хендикеп, по смртта на родителите бара работа, и работи како хигиеничар во една скопска месарница. Само да донесе пари за да може да преживеат со браќата и сестрата.

-Земам минимална плата работејќи како хигиеничар во една месарница во Маџари. Фала му на Господ барем имаме со што да купиме храна. Но, дома ништо не ни функционира. Ниту кујната, сите ѕидови се со влага, апаратите се расипани. Немаме ниту на што да готвиме. Имаме едно старо решо кое целото се распаѓа, па само во недела цел ден на него пржиме компири. Тогаш е евтина струјата. А, тоа се загрева со саати. Другите денови јадеме само сува храна. Кога ѓеврек, кога баничка.. Секој ден исто – вели Влатко за нивното секојдневие.

Кога вработените во училиштето каде учи Мики, го пријавија семејството во емисијата „Срце на дланка„, не ни претпотавував што значи деца со посебни потреби, да чуваат дете со посебни потреби. Па, и покрај жалта што ја чувствував додека ја слушав нивната животна приказна, чувствував и чест што пред мене седат вакви херои. Лица кои во мизерни услови се оставени сами на себе, и купуваат ден за ден.

Додека била жива мајка им, до пред некоја година, поголемиот терет околу Мики бил врз неа, но последниве три години, тие иако барале помош од неколку институции,зашто нему му е потребна посебна нега, сепак тој сеуште е со нив, во услови во кои не би живеело ниту животно.

Влатко е во својата трета деценија од животот. Неможе ниту да помисли на одвоен живот од браќата и сестра си. А, Марина е буквално заробена во четири ѕида и препуштена на негата на братчето кое е зависно од нејзината грижа .

-Баравме помош од некои институции за да го згрижат Мики, но, никој не ни излезе во пресрет. Марина е по цел ден со него. Го облекува, пресоблекува, му менува памперси, го храни, ако се разболи го лекува со сирупи…

Ова семејство би било пресреќно доколку добие помош околу реновирање на кујната и макар на една соба. Или санација на прозорците. Стари се и дуваат од сите страни. Не е лесно вака да се живее. Чешмата не ни функционира, па, јас мијам садови, а, Марина ми потура вода. Се снаоѓаме, но, многу ни е тешко. Немаме ниту уред за греење, па, затоа сите седиме во една соба за да ни биде потопло со една стара греалка која работи само со еден греач. Фрижидерот ни е празен, а, и да би бил полн сепак тој не лади. Целиот се распаѓа-додава Влатко за емисијата Срце на дланка.