Дејанчо Настески има четириесет и пет години. Од мал останува без татко, и детството тешко го минува со својата храбра самохрана мајка која сама го издигнува и прехранува како знае и умее.
Во детството тој и мајка му живееле под кирии, но, успевале да преживеат. Дејан како мал имал сериозни здравствени проблеми, па, тоа ќе го отежни животот на неговата мајка, покрај грижата за да обезбеди храна и топол дом, да се грижи и да се моли и за здравјето на нејзиниот син. Но, пред две децении ова семејство добива социјална барака во населбата Варош во Прилеп, каде ги гради своите спомени и минува скромен, но, за нив среќен и мирен живот. Се додека еден ден сиот живот и покуќнина не станат само спомен, губејќи се во огнот кој настанува поради несисправна инсталација во нивниот социјален дом.
-Многу тешко го проживеав животот. Со маки, под кирии. Дејан беше многу болежливо дете, па, со месеци сум го оставала во болницата во Охрид, а, јас, трчај по автобусите за Прилеп да заработам за корка леб и кирија, трчај да го видиш детето. Се изнамачив-низ солзи ја започна својата тажна животна приказна оваа напатена жена.
-Дваесетина години со мајка ми живееме во населбата Варош во Прилеп. Не живеевме луксузно. Јас ако заработев нешто се прехранувавме, но, бевме среќни. Се до тој 5 август, кога соседи ми се јавија на телефон, додека јас возев часови во Авто школа, веднаш да дојдам дома, бидејќи куќата ми е во пламен. Кога дојдов немаше веќе ништо. Се изгоре. Ни се сретнаа погледите со мајка ми и таа храбро ми рече: „Ќе го изградиме одново, само не се секирај„. Денес, со остатоците од бараката се притоплуваме. Ете, тоа ни остана од домот-се присетува овој човек на денот кога се случи немилиот настан и им ги смени животите.
Кога со нешто си многу поврзан и навистина ти значи, секогаш однапред чувствуваш и знаеш што ќе се случи. Тоа се вика внатрешно чувство или интуција. Таква интуиција веќе подолго време имала и мајка му на Дејан, која, каде и да одела веднаш сакала да се врати, зашто имала страшна визија дека нешто лошо ќе се случи во домот. И, навистина, визиите ќе станат реалност за ова семејство, но, и пречка тие да продолжат со нормалниот живот во иднина.
-И, до продавница да одев се си велев одма враќај се, ќе ти изгори домот. Последно бев на гости со Дејан, немир не ми даваше да седам на раат. Му реков, станувај синко да си одиме нешто лошо ќе се случи дома. И вечерта пред да изгори куќата, имав исто претчувство. Бев будна, слушав тропање и пукање, ама, имам проблеми со слухот и си велам деца некој надвор пукаат за Илинден. Камо среќа да станев, може ќе спасев нешто. Имавме заштеда околу илјада евра, тргнав да ги земам, таман да го направам следниот чекор и да ги дофатам, нешто силно пукна, па, си реков бегај или ќе изгориш жива- се присетува тетка Стева на кобниот ден, кога до темел им изгоре домот.
Ова семејство е доказ дека доброто и лошото ги дели само една тенка линија. Дека денес можеби можеш да имаш се, за, утре да се разбудиш само со спомени од минатото во себе. Но, бидејќи среќата се здружува со оној кој се осмелува , со сигурност можам да потврдам дека овие мајка и син се храбри, зашто и тогаш кога се преплашени до смрт, тие го прават чекорот понатаму и не се откажуваат. Па, затоа и денес го ставија своето срце на дланка за да може повторно да изградат дом и да продолжат со животот.
-Многу луѓе дојдоа, видоа, ветија, ама, како што гледате од ветувањето ништо. Првиот ден не сместија во интернат. Условите таму беа многу лоши. Па, тогашниот градоначалник ни рече одете под кирија, јас ќе ја плаќам заедно со сметките. Да не се снаоѓа син ми и да оди да подработи во некој ресторан, нема да имаме ни што да јадеме, ниту каде да спиеме. До сега никој не ни помогнал. Тоа ти се вика, при дом без дом- плачејќи раскажува Стева за животот кој денес го живеат со синот.
Дејан и тетка Стева кај останаа без дом, немаат ниту сигурен месечен приход. Тетка Стева не зема ниту пензија, ниту социјална помош, а, Дејан нема сигурно вработување, па, за кирија и корка леб имаат само ако некој добар работодавец го повика и така успее да земе дневница за да го поминат денот.
-Поради некои ниви кои татко ми ми ги оставил не ми следува ниту пензија, ниту социјална помош. Дејан не е вработен, ако, го викнат оди, ако не така поминуваме. Жал ми е за него, инаку ми доаѓа да скокнам од балкон и да си пресудам. Се чувстувам како казнета тука. А, колку ми беше убаво во бараката. Се дружев, си ги шетав внуците. Имав мирен живот, денес имам само нервози-додава тетка Стева.
-Разочаран сум многу. Навечер не спијам или ја сонувам старата куќа. Во денот сум како претепан. Во години сум кога треба да мислам на свое семејство, а, немам ниту за себе. Мајка ми е болна. Сите планови ми пропаднаа. Мислам, спас ќе имам само ако одново го издигнам домот, но, во тоа сам не можам. Ќе можам само доколку ми помогне хуманиот народ- вели Дејанчо.



