Јованче Христовски: Пет дена живеев на шеќер и вода

Jованче Христовски е роден Скопјанец, кој за своите 65 години живот може да напише  и роман. По смртта на родителите бил избркан од семејниот стан од страна на брат му, и оттогаш започнува неговиот бездомнички живот. Иако, и изгледот и ставовите и размислувањата откриваат дека станува збор за мирен и одмерен човек. Има убава струка, работел многу работи, но, никаде не се задржува доволно, за денес да може да земе пензија макар и минимална. Неколку години продава ѓевречиња во Центар и спие по паркинзи и клупи. Но, поголемиот дел од животот е гладен и без покрив на главата. Има четири деца, но, никој не прашува како е и каде е. Иако, тој им посакува се најубаво. Па, ако пред неколку месеци еден хуман човек не ја увидел неговата безизлезна ситуација и не го сместел во една соба, можеби Јованче досега и немаше да биде жив. Врз овој човек биле извршени и многу хирурши зафати, па, денес едвај се движи за да може да излезе да побара помош. А, ако не му помогнеме којзнае дали ќе ја дочека и следната зима.

Јованче е роден во Скопје, и во семејство од две сестри и еден брат, тој е најмалото дете. По струка е електроинсталатер и работел во неколку фирми, но никаде нема среќа да се задржи за да денес го исполни стажот за пензија. Сепак по смртта на родителите неговите најблиски го покажуваат своето вистинско лице, па Јованче останува без имот и сосема сам.

-Уште истиот ден кога ја закопавме мајка ми брат ми ме исфрли од семејниот стан. Подоцна државата и него го избрка. Од тој ден јас сум на улица. Работев во многу фирми, но, никаде доволно, за денес да земам макар и минимална пензија. Парите веќе не знам ниту како изгледаат. Немам никаков приход со години-вели Јованче.

Многу рано Јован одлучува дека направил погрешен избор што се оженил. И, иако создава четири деца, ниту едно нема да сака да му помогне кога ќе падне.. Па, тој од почетокот на 2000 година започнува бездомничкиот живот. За да преживее почнува да продава ѓевречиња низ градот, а, ноќите ги поминува сам и без никој свој.

-Дење продавав гевреци, а, навечер спиев по клупи или на паркинзи во центарот на Градот. Наутро ќе ја наполнев количката и кога ќе ги продадев ѓевречињата, со дневницата одев јадев во мензи каде има готова храна. Така живеев со години. И, не сметам дека сум направил грешки. Единствена грешка ми е што се оженив со погрешната личност. Децата денес не сакаат да ме видат. Но, јас ги сакам и се им простувам. Пет дена сум бил само на шеќер и вода. Заборавив каков е вкусот на храната. Осамен сум и сам, и немам како да го преживеам остатокот од животот-додава тој.

Јованче за себе ќе рече дека не знае што е настинка, но, последните години Господ ќе одлучи дека бездомничкиот живот на овој човек мора да има некакви последици. Па, Јован преживува многу операции, а, во моментов дури и тешко се движи.

-Во животот никогаш не сум бил болен, ама, последниве години толку операции преживеав што не знам како сум уште жив. Имав четири операции на кила, бајпас на запушена артерија, а, ме чекаат уште неколку зашто имам проблеми со стомакот. Фалеше уште ногата да ја скршам, па, да не можам да мрднам никаде. Ваквиот живот воопшто не е лесен. По цел ден гледам Тв, лежам, читам и спијам. Ретко јадам. Еве, денес денот ќе го поминам со неколку бисквитчиња. Се што сакам е, една соба, и приход за да можам да проживеам уште некоја година-со грутка во грлото ја завршува својата приказна Јованче.

Но, на грешките можеме само да учиме и да се надеваме дека сепак ќе дојдат подобри времиња, зашто овие лошите и тешките и веќе премногу траат.. Затоа на овој човек му треба покрив над глава и парче леб за да го помине денот.