Три сина изгледав со моите две раце, а денес никој не ме вика дедо!

Војо Додевски е осамен човек на 68 годишна возраст кој е роден и пораснат во село Клечовце, Куманово. Работел како ѕидар, од ништо создава дом и за жал многу млад останува вдовец и самохран татко на три мали дечиња. Од денот кога го напушта сопругата за него веќе животот добива друга димензија. Многу потешка, многу посурова. Веќе освен да заработува мора и да ги работи домашните работи за да ја компензира за децата загубата на нивната мајка. Со труд и работа успева сите синови да ги израсне и да им направи макар по една соба, но, болката ја живее денес, сам, осамен и далеку од најблиските, посебно од внуците кои многу му фалат. Дури и на овие години само за да издржи работи и се труди, што поради економски причини бидејќи од социјалната помош му остануваат само 1500 денари за храна, но, и за да ја победи осаменоста бидејќи ако се затвори во четири ѕида сам вели ќе си ја повика смртта. Војо е прескромен, и иако посака да го стави срцето на дланка, сепак се срами да побара помош, а, и тоа како добро би му дошле апарати за домаќинство  зашто од смртта на сопругата рачно пере и готви на шпорет на дрва.

 

Војо е роден и речиси сиот живот живее во село Клечовце. Вреден и посветен од млад на работата најчесто работел ѕидарски работи и многу одамна од брат му купува куќа во истото село каде го создава и семејството од три сина. Се оженил и создал семејство од три сина. Често бил на терен за да може да ја прехрани фамилијата. И, се чини безгрижниот живот ќе му трае до 2000 година кога тешка болест ја напаѓа неговата 40 годишна сопруга и за жал многу млад останува вдовец и сам ги расне децата. Ги пере и им готви, паралелно одејќи и на физичка работа. Истовремено и се надевал дека кога ќе остаре тоа децата ќе знаат да го ценат и ќе му возвратат за грижата.

-Само јас знам како ги израснав синовите кои жена ми ми ги остави. Им бев и мајка и татко. Татко за да одам да заработам, а мајка за да ги исперам, да им зготвам, да ги нахранам. Одеа во училиште и се што имав научено од сопругата го искористив за да не почувствуваат дека немаат мајка. Давав се од себе да бидат како и останатите деца. Да имаат се што имаат и другите. Еднаш два пати снаа ми ги чуваше,ама ми беше незгодно, таа си имаше своја фамилија и си реков: -Војо мораш во ова сам да се снајдеш! Така беше се додека не пораснаа и не станаа свои луѓе! – раскажува низ солзи дедо Војо за Срце на дланка.

За стар човек освен грижа и внимание можеби друго и не е потребно, за жал овој прескромен човек и покрај љубовта што сиот живот ја давал денес не е почитуван од најблиските вели тој, а, најмногу сака мала помош за да го мине остатокот од животот полесно.

-Иако имам 68 години сеуште одам работам. Помагам во црквата за да не мислам колку сум осамен и колку тие што сум им дал се не ме глеаат и почитуваат. Ме боли што не смеам да си ги видам внучињата. Ме боли што кога нешто ќе им купам и сум ги дал последните пари го фрлаат во отпад. Ме болат многу работи, но, не можам да ги сменам. Ќе дојдат на мои години и ќе разберат што значи да си одделен од внуците. А, живеам со социјална пензија кога е многу ниска и доволна само за да не останам гладен. Ќе направам манџа и ја јадам со денови. Немам пари за да ги избелам ѕидовите. Немам за да купам електричен шпорет, не останува од премалите примања. Готвам и лето и зима на шпоретот на дрва. Се надевам на помош и малку барем после толку години да се почувствувам среќен-завршува Воја.

Доколку сакате да му помогнете на Воја да живее поубаво тоа можете да го направите на следната жиро сметка:

Воја Додевски 210501612158188 НЛБ банка

или можете да го исконтактирате на неговиот приватен телефонскиот број 071830784