Доктори ве молам помогнете ми, овие болки не се трпат повеќе!

Убав живот во минатото со спомени, искрена радост и смеа бил животот на Симо Стојковски од виничкото село Лески. Работел како градежен работник во Гранит и при една работна акција во Украина ја запознава и жената на неговиот живот. Одлучуваат семејството да го создадат во родната земја на Симо, каде градат дом и им се раѓаат две деца: момче и девојче. Одлучуваат се, но, некој друг ќе одлучи дека нема да му биде песна животот на Симо и неговото семејство. Од обична болка во кичмата и лечење на дискус хернија, денес овој човек има преживеано пет операции, врзан е за инвалидска количка и има неописливи болки за едно човечко суштество. Веќе ниту организмот не му ги прифаќа аналгетиците-вели тој, а тој изгубен во одлуките на докторите не знае кој правец да го фати и како да си олесни да не пати толку. Тажен е што покрај неговиот несреќен живот, се чувствува и како терет на неговото семејство. Седум години живот во количка направил тие да се и пред финансиски бродолом. Освен што му функионираат рацете ништо друго поради парализата не кичмата не му функционира, па затоа има единствена и најголема желба, макар и да не стане од количка само да му помогне некој доктор од земјава или странство да му се намалат неиздржливите болки.

Иако по потекло од Дулица, работата Симо Стојковски ќе го носи низ различни држави, а, очигледно неговото добро срце ќе го препознае Татјана од Украина, која тој ќе ја запознае пред повеќе од 18 години додека е на работен ангажман во нејзината земја. Двајцата одлучуваат дека подобро би им било во Македонија, па Татјана, напуштајќи ја функцијата директор на училиште во Украина, доаѓа во нова средина се во име на љубовта на Симо.

-Имавме убави планови. Имавме убав почеток на заедничкот живот. Прво размислувавме дали таму да останеме или да се вратиме во Македонија. Одлуката падна за тука и започнавме со градење куќа и семејство- ја започнува својата животна приказна Симо.

-Беше многу добро на почетокот. Никој не очекуваше дека вака ќе се мачиме. Пет операции му направија и пак ништо не му се помогна. Децата сами сум ги оставала за да одам кај него во болница во Скопје. Понекогаш наечер од болки не спие. Плаче и вика. Ве молам доктори помогнете му на мојот сопруг да не се мачи повеќе-вели Татјана.

И, откако овие брачни партнери ќе направат куќа, создадат семејство и ќе треба да почнат да уживаат во животот, се случува парадокс, нозете на Симо кои изоделе и направиле илјадници километри патишта, поради компликации при пет операции, нема да бидат способни ни да застанат повеќе, а тоа ќе биде терет и за овој релативно млад човек, а уште потешко и за неговото семејство.

-Сеуште бев вработен кога започнаа неподносливите болки во кичмата. Докторите во Скопје предложија итна операција. Отидов на рехабилитација во Охрид и да ми дадеше тогаш комисијата инвалидска пензија, можеби немаше да дојде до влошување на состојбата. Јас сеуште не заздравен целосно морав да се вратам на работа, зашто тогаш бев единствено јас во работен однос, а, децата беа многу мали. И, така започна мојата мака. Следеа уште четири операции и веќе не станав од инвалидска количка- додадава Симо.

Симо и во неиздржливи болки не се препушта на судбината и не се помирува со неуспесите. И, покрај солзите трпелив е и упорен. Верува во судбинското, но сакам да ја измени судбината кон подобар и посреќен живот. А, неговата единствена ѕвезда водилка му е да застане на нозе и да ја заборави болката која му го бои животот!

-Се ми се смени. Не можам да ви објаснам колку мака имам и ви какви болки живеам. Понекогаш се мавам по нозете од што не можам да издржам. Ниту лекарствата не ми делуваат. Жена ми оди на работа, но парите не стигнуваат, а, најмногу ме мачи што и самите доктори не можат да се договорат меѓу себе што понатаму да правам. Едни со други си ја префрлаат топката, а, јас тонам се надоле и надоле. Живеам со катетер, од целот тело ми функционираат само рацете. Да не се децата и Тања јас не би можел ништо. Но, и да не станам од количка се молам само да се најде доктор кој ќе ме спаси од неподносливите болки- завршува Симо.

Доколку сакате да му помогнете на Симо Стојковски  тоа може да го направите преку донирање на неговата лична трансакциска сметка 250035000115709 или преку контакт на неговиот мобилен телефонски број 071836136