Народот и државата им обезбедија дом и нормален живот на сирачињата од Кичево

Нема поголема болка за мајка да закопа сопствено чедо. Таа болка за жал двапати ја почувствува мајка Перуника од Кичево, која во 2023 година ја изгуби ќерка си, а во 2024 една несреќна ноќ престана да чука срцето и на нејзиниот син Маријан. Оваа жена сите нас не потсети на мајка Неда од познатата поема на Прличев, која не го дочека жив синот-јунак од борба, а мајка перуника не успеа синот тоа утро да го разбуди за да ги однесе своите деца на училиште. Оттогаш нејзиното срце е „скршено„ на милјон парчиња, а ликот предвреме остарен, па оваа мајка и баба има само една цел-да обезбеди сигурна иднина на своите внуци.

Мајка Перуника само петте рожби од Маријан ја одржуваат во живот, за кои вели ќе се бори до последна капка крв во нејзините вени. И, навистина, таа иако сета во болка ни ги отвори вратите само две недели по смртта на синот и побара помош да ги спаси децата од живот без кров и можност тие да живеат во сопствен стан. Парите за кирија рече таа тогаш, ќе може да се употребат за храна за децата.

Во сторијата на петте мали сирачиња клучна улога одигра македонскиот народ од земјава и дијаспората. Пари се собираа на различни начини и платформи, а овие дечиња го добија најважното нешто-социјален стан во кој веќе живеат со својата баба и чичко.

-Фала им на сите, на народот, на дијаспората, на државата. Да не бевте ние немаше овие деца да имаат дом денес. Се се одвиваше многу брзо и народот покажа голема хуманост за моите внуци. Тоа е се што сакав пред да умрам. Да ги видам децата осигурани под покрив -сеуште со повредена душа зборува баба Перуника, но со среќа дека внучињата се под свој покрив конечно.

Станот целосно е опремен со мебел од средствата кои беа собирани на Е Crowd (И крауд) платформата и сега среќата на малите ангелчиња е целосна. Тие имаат своја соба, дневна, кујна со трпезарија, ходник и тераса во социјалната зграда во Центарот на Кичево.

Убаво е кога секое семејство живее среќно. Убаво е кога се исполнуваат желбите на сите луѓе. Кога не можевме да го спасиме нивниот татко додека беше жив, барем сите заедно успеавме да усреќиме едно семејство од сирачиња да не биде на улица, безгрижно да ужива во новиот простор и ништо да не му фали додека дечињата пораснат.