Во срцето на гостиварското Ново Село, среде тишината на планината и песната на ветрот, со години живееше скромно и чесно семејство. Во стара куќа, со малку имот, но со многу љубов и сплотеност, Маринко, неговата сопруга и нивните две возрасни деца, Андреј и сестра му Јуле, го минувале секојдневието борејќи се со животот, секој на свој начин.
Живееле од социјална помош и од скромната пензија на Маринко. И токму кога мислеле дека тешкотиите се веќе дел од секојдневието со кое некако се справуваат, судбината им зададе уште еден удар. Еден февруарски ден, кога Андреј, седејќи сам дома, забележал чуден чад од таванот. Во само неколку минути, скромната семејна куќа ја проголтале пламените јазици.
Кога отидовме да го снимиме семејството сеуште беше во шок и неверување.
Во моментите на најголема тага, надежта се појави од таму од каде што семејството најмалку ја очекуваше – од добрината на луѓето. Преку емисијата Срце на дланка, приказната на Трифуновски ја допре јавноста. И токму таа јавност – хуманите граѓани на Гостивар, локалната самоуправа, фирми, поединци – сите тие се здружија со едно срце и една цел: повторно да изградат дом за ова семејство.
Денес, само неколку недели подоцна, новата куќа е веќе изградена до карабина. Семејството е пресреќно и бескрајно благодарно. Велат, “Се’ што изгубивме, повторно го добивме преку човечноста на нашите сограѓани.”
Семејството Трифуновски нема доволно зборови да ја изрази својата благодарност. Тие велат: „Од срце ви благодараме што не’ извадивте од пепелта. Ни дадовте нов почеток. Ни дадовте надеж.“
Но, патот до целосно вселување е сè уште долг. За да може овој дом навистина да стане топло и безбедно прибежиште, потребни се уште многу работи – од електрика, водовод и изолација, до прозорци, врати и покуќнина.
Затоа, тие скромно апелираат – секој што е во можност да помогне, со донација, материјал или занаетчиска услуга, би им направил огромна услуга. Секоја помош, колку и да е мала, за нив значи чекор поблиску до нов почеток и повторно создавање на домот кој го загубија.
„Секоја рака што ни подаде надеж досега, ја носиме во срцето. Ако има луѓе што сакаат да ни помогнат и во доправката, ќе бидеме вечно благодарни. За нас тоа значи живот,“ велат Трифуновски.
А, нивната приказна нека биде потсетник – дека кога едно срце ќе изгори, сто други можат да го исцелат.
