Малата Мила ќе расте во поубав дом и услови

Семејството на Ерика и Здравко од планинското село Дулица ги допре срцата на многумина минатата недела во емисијата Срце на дланка. Како што видивме тие живеат високо на врвот на планината, изолирани од светот, во многу лоши услови, со своето мало бебе. Без пат, без греење и без пристап до лекарска помош, секој ден за нив е борба, а стравот дека ако бебето се разболи нема да стигнат навреме до болница – ги прогонува постојано.

Нивната единствена желба е да се преселат во недовршената куќа што ја имаат во Виница, каде би можеле да создадат побезбеден дом за детето. По емитувањето на нивната приказна, социјалните служби ги посетија и ги предупредија дека мора итно да обезбедат подобри услови за живот – во спротивно, постои ризик бебето да им биде одземено.

 

По емитувањето на нивната приказна, многу хумани луѓе се одѕваа на повикот и тргнаа кон Дулица со полни раце. Семејството на Ерика и Здравко беше изненадено и длабоко трогнато – добија храна, облека, средства за хигиена и неопходни работи за бебето. Во тешките планински услови, секоја донација значеше надеж, топлина и чувство дека не се сами. Благодарни се од срце на сите што им помогнаа и ги поддржаа во најтешките моменти.

Благодарение на големата хуманост и поддршка од добри луѓе,и средствата потребни за реновирање на куќата во Виница се веќе собрани. Семејството на Ерика и Здравко со голема радост и надеж ја чекаат следната фаза – наскоро ќе започне уредувањето на собите, со цел што побрзо да се преселат и да започнат нов, посигурен живот со своето бебе. Се’ што посакуваат е топол дом, каде ќе можат спокојно да ја градат иднината на своето семејство.