Во животот, често велиме дека „по дождот доаѓа сонце“. Но, за некои семејства, дождовите се премногу чести, а зраците на надеж – ретки. Една таква искрена и човечка приказна ви ја раскажуваме вечерва – за храбриот Ѓоко Ѓорѓиев од Маџари и неговото семејство.
Ѓоко имаше сон – да замине во странство, во Швајцарија, и да обезбеди подобар живот за своето семејство. Веќе доби виза, ја спакува надежта во куфер и тргна по патот на успехот. Но, судбината беше сурова. Еден ден, одеднаш, почна да го губи видот. Болката беше не само физичка, туку и душевна – визата мораше да се откаже, а Ѓоко се врати во Македонија.
-Таман кога успеав да добија виза и да работам надвор од државава за да обезбедам средтсва за дом за моето семејство, преку ноќ го изгубив видот. Уште истиот ден ме вратија назада со авион и оттогаш започна моето патешествие- кажа во февруари Ѓоко за Срце на дланка.
По направени анализи, доктори од странство соопштија дека спас за неговото око постои само со пресадување рожница од донор – нешто речиси недостижно. Но токму тогаш се покажа хуманоста на нашите лекари. Инфекцијата беше санирана, му беа направени два оперативни зафати, и после еден месец, Ѓоко конечно се врати дома во солидна здравствена состојба.
-Скоро еден месец бев на Клиниката за очни боелсти во Скопје под грижа на доктор Кристијан Дума и не знам како да се оддолжам за негата и се што тој направи за мене. Ми ја излечи инфекцијата, ми направи два оперативни зафати и ме пушти на домашно лекување. Во блиска иднина ќе следува уште еден зафат кој за првпат ќе се изведува кај нас. Но, јас немам што да изгубам. Сигурен сум во неговата стручност и се предавам целосно на докторот кој ми ја врати волјата за живот- вели денес Ѓоко.
Во меѓувреме, социјалните служби интервенираа и семејството доби финансиска поддршка за да го помине месецот. Но, нивните проблеми не завршуваат тука. Целиот живот живеат под кирија – без свој дом, без сигурност, без мир.
-додека бев во болница уште одма дојдоа социјалните служби и подготвија документи за да добивам социјална помош и туѓа нега, па сега е полесно да го поминеме месецот со децата и жена ми, зашто знаете ниту јас, ниту Христина бевме невработени.
Потоа се роди надеж – акција за изградба на куќа покрај домот на дедото во Идризово. Просторот беше расчистен, семејството веќе сонуваше за свој покрив. Но, судбината повторно удри силно – дедото почина, и еден од роднините се предомисли. Не им дозволуваше да гради на плацот во Идризово, па градбата беше стопирана. Сите планови преку ноќ пак паднаа во вода.
-Само што излегов од болница почина дедо ми кој ми даде усна согласност дека може да градам куќа до неговата во Идризово. Но, еден викенд го исчистивме плацот, и таман кога се подготвивме, тетка ми на мајка ми сестра и братучедот се предомислија и не ми дозволија да започнам со градење- вели тој.
Но, храбрите луѓе не се откажуваат. Ѓоко, и покрај сите удари, собра сили и со заем обезбеди нов плац во населбата Ржаничино. Документите се средуваат, дозволата за градба е во процес, а новиот дом веќе се подготвува – тивко, скромно, но со срце полно надеж.
Денес, веруваме дека конечно сонцето ќе блесне во животот на семејството Ѓорѓиеви. Веруваме дека тие ќе го дочекаат денот кога ќе влезат во свој дом – со мир, сигурност и благодарност кон сите кои застанаа зад нив.
Сите вие преку донација помогнавте да изградиме не само куќа, туку иднина. За едно семејство кое никогаш не се откажа од животот – дури ни кога животот се обиде да се откаже од нив.



