Дали Здравко, Ерика и бебето ќе се вселат во куќата во Виница до која нема пат како да се стигне?!

Понекогаш животот пишува приказни што не се читаат од хартија, туку се чувствуваат во градите. Приказни кои болат, но и инспирираат. Во едно тивко маало во Македонски Брод, далеку од градската врева и уште подалеку од удобноста на современиот живот, живеат Ерика и Здравко – двајца млади родители со срца поголеми од светот што ги опкружува.

Нивната мала ќерка, Мила, има само неколку месеци. Таа уште не ги научила зборовите, но веќе ги чувствува недостатоците. Ѕидовите не се измазнети, нема врати, подот е студен, а прозорците ветуваат повеќе ветар отколку светлина. Во таква недовршена куќа, тие се обидуваат да изградат дом – со љубов, со волја, и со неизмерна надеж.

По емитувањето на приказната, јавноста реагираше со топлина и солзи. Помошта пристигна од сите страни: пакети со храна, облека, средства за хигиена, па дури и финансиска поддршка. Народот уште еднаш покажа дека знае да застане зад оние на кои најмногу им треба. Но, вистинската битка допрва започнува.

Здравко деновиве не однесе до куќата која неговиот татко ја изградил пред повеќе од 50 години. Денес, таа е симбол на надеж, но и на работа што допрва треба да се сработи.

-Нема како да се стигне до куќата. Порано пред јас да се родам не било вака. Затоа до сега не сме се преслиле- вели Здравко.

Но, пред да се почне со реновирање, постои уште еден голем проблем — нема пристапен пат. Здравко и Ерика мораат пеш да пренесуваат сè до куќата. Градежниот материјал, вратите, цементот… Сето тоа треба некако да стигне до местото.

-Колку само сум се мачел за да го изградам овој објект за моите деца д ане се мачат додека живеат. Но, немавме среќа да се вселиме зашто нема пат до неа-вели таткото на Здравко, Санде.

Затоа, и оваа вечер, упатуваме апел до градоначалникот на Виница: да се вклучи во решавање на овој навидум мал, но клучен проблем — пристап до куќата. Со негова поддршка и со малку добра волја од соседите, може да се отвори пат, барем додека траат градежните активности.

Срцето на народот веќе тропна на вратата на ова семејство. Сега е време институциите да го отворат својот. За Мила, за иднината, за подобро утре на едно мало и скромно семејство.

„Ние ќе продолжиме да бидеме тука – каде што болката бара глас, а тишината – одек. Бидејќи секое срце заслужува дом. И, бидејќи хуманоста го гради животот.