Срце на дланка, All Project и хуманоста на народот му подаруваат дом на семејството на Ѓоко

Во секоја епизода на „Срце на дланка“, се среќаваме со различни човечки судбини, но некои приказни нè следат подолго, со сите свои падови и мали победи. Денес, повторно сме кај семејството Георгиевски – Ѓоко и Христина, кои ги запознавме во почетокот на годинава.

Нивната тажна приказна ни го скрши срцето и нам и на секој што ги виде и слушна. Зашто Ѓоко е човек кој ја изгубил светлината во очите тогаш кога имаше најголеми планови, а Христина неговата сопруга е млада, болна и оперирана, но секогаш со тивка надеж во гласот. Кога ги запознавме живееја под кирија, со три мали деца без сигурен покрив над главата, болни, невработени и со товарот на животот врз нивните рамења.

На снимањето семејството ни кажа дека дедото на Ѓоко сака да им подари дел од плац во Идризово, па сите се надевавме дека конечно доаѓа подобро утре. Хуманиот народ веднаш реагираше со финансиски донации, а Компанијата Ол Проџект Констракшн без коментар понуди да изгради монтажна куќа – донација за семејство на кое му е најпотребно. Сите заедно одлучивме дека таа куќа, со оглед на тоа дека ќе се гради на веќе постоечки плац треба да припадне на ова семејство.

Но, животот повторно им сврти грб на овие млади луѓе. Дедото набрзо почина, а тетка му на Ѓоко се предомисли и не му дозволуваше веќе да гради во Идризово, со закана дека ќе му бара дел од куќата. Тогаш настана нов проблем и нова неизвесност на ова веќе беспомошно семејство.

Но, оваа приказна не застана тука. Љубовта на блиските, подадените раце и хуманоста донесоа нова надеж во селото Ржаничино. Таму, на нов купен плац, со помош од сестрата на Ѓоко, роднините, и донација од фирмата Два брата за постаментот, започна да се гради новото поглавје. Денес, заедно со сопственикот на Ол Проџект, Џемал Фазли, ги правиме плановите за изградба на нивниот нов дом.Тој стручно ни објаснува како ќе течат подготовките и колку ќе трае изградбата на куќата на Ѓоко и Христина.

 

Секогаш се залагам за луѓето да бидат среќни и еве како сопственик на фирмата ќе се потрудам ова семејство да добие нов дом преку куите што ние ги изработуваме. Ќе ми требаат само 15 работни дена откако ќе биде готвоа плочата за да може да се намонтира куќата. Не се фалам, ама и луѓето ќе видат дека многу е сигурно и безбедно да се живее во ваква куќа, впрочем и цел Запад живее во вакви монтажни домови. Лично и јас живеам во ваква куќа и можам да кажам дека сум презадоволен. А, јас сум пресреќен што ќе успеам да внесам радост во животот на овие луѓе-вели Џемал Фазли сопственик на Ол Проџект Констракшн.

 

Ѓоко и Христина немаат се’ што им треба, но го имаат најважното – едно за друго, и вера дека некој таму сè уште слуша, гледа и помага. Денес, таму каде што имаше само земја и надеж, почнува да се гради дом со ѕидови од добрина и покрив од човечност. Нека оваа приказна биде потсетник дека секоја подадена рака може да промени нечиј свет.. Ѓоко и Христина конечно ќе имаат свое катче, а ние ќе продолжиме да градиме, не само домови – туку и мостови помеѓу луѓето. Зашто, кога срцето е на дланка, човештвото никогаш не згаснува.

Ова семејство наскоро ќе има дом, кој пдооцна ќе треба да се наполни со мебел , а претхдно и да се поврзе со довод за вода и струја. Сеуште може да донирате за комплетно решавање на нивниот проблем кој немаше да настане доколку Ѓоко не го изгубеше видот пред неполна година. Зашто неговите планови беа да работи во странство и таму да го земе подоцна и семејството. Затоа, доколку можете било како да им помогнете направете го тоа преку контакт со нов на нивниот личен телефонски број 070241381

Линк до емисијата: