Нова надеж за Наташа: Самохрана мајка добива нова бања, кујна и топол дом преку Срце на дланка

Пред нецела година, животот уште еднаш силно ја удри Наташа од Гостивар. Дијагнозата беше шокантна – канцер. Болест што ја запечати нејзината тишина, само три години по загубата на нејзиниот сопруг. Остана сама. Самохрана мајка на два прекрасни сина – Димитар и Антонио. Остана жена што мора да биде и мајка, и татко, и борец, и негувач… и покрај болеста, да остане столбот на семејството.

Наташа денес живее во старата куќа од нејзините родители. Домот на нејзиниот покоен сопруг бил претесен, со премногу луѓе под еден кров. Па се вратила таму каде што барем имала свој агол – иако и тој агол има пукнатини, и студ, и влага.

Но, нејзината приказна не завршува тука. Наташа не се грижи само за себе и своите деца. Во нејзиниот дом живее и нејзиниот брат, човек со душевна попреченост, кој ѝ е секојдневна одговорност. Таа се грижи за него со иста љубов како и за своите синови. И сето тоа – со ниска семејна пензија и без можност да работи поради болеста.

Во еден таков свет, каде животот не ѝ дава одмор, Наташа најде храброст да побара помош. Не за себе – туку за своите деца. Не бараше луксуз, туку само можност синовите да имаат детство. Да тренираат фудбал. Да бидат со врсниците. Да се чувствуваат како сите други деца – без срам, без ограничувања.

Преку емисијата „Срце на дланка“, Наташа доби голем и искрен одговор од хуманиот народ

Димитар и Антонио веќе секојдневно добиваат бесплатен оброк и тренираат во својот омилен клуб – ФК Пролетер.

Започнати се и првите градежни работи во нивната куќа – реновирање на купатилото, поставување нов бојлер, водовод, замена на прозорци, и, ако дозволат средствата – нов мебел.

Сето тоа – за да можат децата да растат со достоинство. Да не чувствуваат дека се различни. Да имаат свој дом во кој ќе владее топлина, сигурност и љубов.

Но приказната не завршува тука. Помошта е сѐ уште потребна. Затоа, како и секогаш – ви се обраќаме вам, хуманите срца на нашата земја. Секој што може, со што може – нека помогне. За Наташа. За Димитар и Антонио. За една мајка што се бори не само за својот живот, туку и за иднината на своите деца.

Заедно можеме да го направиме нивниот свет подобар.

Со „Срце на дланка“, секое добро дело се претвора во нова надеж.

За помош на Наташа помагате преку контакт на :078589540

Линк до емисијата: