Малиот Јован кој плачеше за леб и дом за некој ден ќе се всели во новата куќа во Мождивњак

Во денешната емисија на Срце на дланка, ќе сведочиме на уште една исполнета хуманитарна приказна со среќен крај. Овој пат, нашата екипа заедно со тимот од фирмата Свис Градба, предводени од Дарко Петрушевски, се упати кон селото Мождивњак во Крива Паланка, каде не чекаше новиот дом на малиот Јован и неговото семејство.

Оваа куќа беше купена со заеднички сили: донации од хуманите луѓе ширум Македонија и поддршка од емисијата Срце на дланка. Но иако нова, куќата не беше веднаш погодна за живеење. Без основни услови – без фасада, без измалтерисани ѕидови, со стари и оштетени прозорци и врати, без подови и без мебел – семејството не можеше да се всели веднаш. За едно дете како Јован, кое минало низ премногу лоши ситуации за своите мали години, тоа беше само уште еден чекор до сонот што треба да се оствари.

Но, денес тој чекор се претвора во скок напред. Благодарение на пожртвуваната екипа од Свис Градба, започнавме со обемни градежни зафати:
-се поставува нова, убава фасада што ќе го разубави домот,
-внатрешните ѕидови се малтерисуваат,
-се заменуваат сите прозорци и врати,
-се поправаат сите оштетувања и на крај ќе се постави нов мебел во собите.

Во следните неколку дена куќата ќе биде целосно подготвена. Тогаш, Јован и неговото семејство конечно ќе можат да го започнат своето ново поглавје во животот, во дом што го заслужуваат.

Со солзи во очите, Горан и Силвана ветија дека оваа поддршка за нив ќе биде нов почеток – ветување дека ќе се потрудат да најдат работа според нивните можности, бидејќи, како што сами рекоа: „Не можеме вечно да живееме од донации. Сакаме самите да обезбедиме иднина за нашите деца“-велат двајцата.

Пресреќен е и Јован кој не го крие задволството и не го трга сјајот од неговите очи. Сеуште е премногу мал за да разбере што се случи, и дека неговата иднина е обезбедена благодарение на хуманите луѓе и Срцфе на дланка.

 Во свет полн со предизвици, некогаш е доволно само малку добрина и едно срце на дланка за да се промени нечиј свет.