Новиот дом на малиот Јован во крива Паланка е компетен, а семесјтвото пресреќно

„Во петтата сезона на ‘Срце на дланка’, го запознавме семејството Станковски и малиот   Јован. Раскажаа дека пет души  живеат во една соба. Во неа спиеја, учеа, сонуваа… или барем се обидуваа. И, можеби во емисијата сме објавиле многу позагрозени семејства од семејството Станковски, но зборовите: ‘Легнувам и станувам гладен… одам на училиште гладен… ги гледам другарчињата додека јадат-беа зборови кои не смеевме да ги слушенеме од една детска уста.’ И, можеби тогаш тие немаа простор, храна и иднина. Но имаа надеж.

Како ништо дотогаш немавме видено како со брзина на светлината народот македонски  од целиот свет се обединува. Искреноста што извираше тој ден од едни детски очи направи да се соберат средства, храна, покуќнина. Преку ноќ еден детски живот почна да доживува трансформација само поради искреноста.

Првично, планот беше со собраните средтсва да се доправат две соби на веќе постоечката куќа која тој ја дели со братот и мајката, но се беше многу сложено и требаше да се чекаат месеци за издавање на дозволи за градење. Затоа, екипата на Срце на дланка се заложи и деноноќно бараше нов дом за Јован. А, кога нешто треба да се случи, и кога тоа од срце се посакува целата Вселена кова заговор за планот да се исполни. И, еден ден „Ја најдовме. Семејството на прв поглед се вљуби во изгледот на големата куќа во село Мождивњак. Истата брзо беше купена, но за жал беше и недоправена. Семејството на Јован доби покрив над глава, но без врати, без фасада, без прозорци, без боја… Сé до минатата недела, кога се случи вистинско чудо. Се случи човечка акција благодарение на хуманите срца на сопствениците на градежната фирма на Свис градба од Скопје. Хероите што не носат наметки, туку со шпакли, алат и боја започнаа во исполнување на еден голем човечки сон.

„Дарко Петрушевски од ‘Свис Градба’ го даде зборот. И го одржа. Со своите мајстори започна со работа: се малтериса, се молериса, се лепеше фасада… За само три дена – куќата доби лице, децата добија свои поединечни соби. Дарко Петрушевски кој тоа што го вети го исполни и за пократко време од ветеното кажа дека со добар тим ништо не е тешко и се заблагодари за несебичната заложеност и брзина на своите мајстори. Воедно рече и дека е горд што Бог му дарил можност заедно со својата сопруга Бригита да ги прави луѓето среќни.

-Со добра екипа и тим се оди полесно. дојдовме, видовме, направивме план и за само три дена направивме комплетна фасада, малтерисувавме и молерисувавме. Само уште мали финеси, мебелот да се внесе и Јован со семејството може да ужива во новиот дом кој е прекрасен-изјави Дарко.

„Јован си ја избра најголемата соба, во сина боја. Леон – зелена. Грета – розева. За првпат, секое дете доби свој простор и свој агол за соништа.

А, Јован ни рече: -Пресреќен сум-рече малиот Јован. Веќе не сонувам лошо. Се будам со насмевка. Сега сум среќен како другите деца. Веќе сум среќно, безгрижно и сито дете. Живеевме гладни и во една соба сите, а сега сите имаме преголем простор за функионирање, храна и се што сакаме. Не можам да поверувам дека ова мене ми се случува. Благодарам на сите што преку мене му помгнаа на моето семејство.

Горан и Силвана не седеа настрана – работеа рамо до рамо со мајсторите. Бидејќи кога домот се гради со љубов, станува храм на среќа.

-Секоја чест на мајсторите. Завршија голема работа. Се е скоро готово. Помагавме и ние колку можеме. Сега останува само уште да најдеме работа со Силвана и да живееме како сите семесјтва-изјави Горан.

Горан-таткото на Јован се заблагодари на сите кои донираа за неговото семесјтво и кажа дека е пресреќен што од денес ќе имаат нов почеток.

 

Откако се осигуравме во нивната радост и среќа, екипата си замина од Крива Паланка, исполнета во душата што оставивме нешто зад нас – Нов почеток за едно семејство.

Потоа екипата се упати во Гостилница Дома во Илинден, каде со сопствениците на Свис градба Дарко и Бригита Петрушевски ја сумиравме целата работа и за тоа што се случуваше изминатите три дена во селото Мождивњак. Воедно им се заблагодаривме за нивната голема хуманост и што секогаш помагаат на луѓето кои имаат невоља, се социјално загрозени или болни преку нивната Господова црква во населбата Петровец.

„Емисијата ‘Срце на дланка’ е гласот на тие што никој не ги слуша. Малиот Јован и неговото семејство се симбол на тоа колку можеме кога ќе се здружиме. Благодарност до сите донатори, до Дарко и Бригита од ‘Свис Градба’, до секој што вложи труд, време и љубов и средства. Затоа да запомниме хуманоста е наша обврска. „Некои луѓе велат дека чуда не постојат. Но ние знаеме – Чудата се луѓето. Чудо е кога ќе подадеме рака, споделиме залак. Кога ќе помогнеме, а нема да прашаме зошто. Затоа, продолжете да давате. Така светот станува подобро место за живеење. До следната емисија ‘Срце на дланка’ – и вие бидете светлина за некого.“