За неколку дена Ѓоко со семејството ќе се всели во новата куќа

Во новата емисија на „Срце на дланка“ ќе ја проследиме инспиративната приказна за еден топол дом што никнува од човечка добрина, заедништво и љубов. Проектот за изградба на нова куќа за Ѓоко Георгиевски, човек со големо срце и тежок животен пат, конечно доби своја реална форма – започна изградбата на монтажната куќа, благодарение на тимската соработка помеѓу Срце на дланка и градежната компанија Ол Проџект Констракшн.

Изградбата започна со подготовка на теренот и поставување на темелите, а веднаш потоа започна склопувањето на монтажните ѕидови – дел по дел, со голема прецизност и пожртвуваност. Стручните тимови работат посветено, со една заедничка цел – да му се овозможи на Ѓоко и неговото семејство достоинствен живот под сигурен покрив.

„Џемал, сопственикот на Ол Проџект и извдувачот на градбата, со задоволство ни соопштува дека сите градежни материјали се веќе доставени на терен и дека изградбата се одвива според однапред утврдениот план. Новата куќа вели тој ќе биде функционална и топла – со три спални соби, дневна соба со кујна и купатило – идеален простор за достоинствен живот.“

Додава и дека досега изминатите 12 години колку што постои фирмата немале жалби за било што во внатрешната изведба освен во мали финеси на фасадите во ретки случаи.

„Времето засега вели тој им оди во прилог, што значително ја олеснува работата. Секој ден е чекор поблиску до крајната цел. Џемо додава дека најголемата олеснителна точка ќе биде кога ќе се постави покривот, бидејќи тогаш ќе може да се работи послободно, без грижа од временските услови.“

„Потоа ќе следуваат т.н. ‘пофини’ работи – внатрешни завршници, поставување на прозорци и врати, и конечно – работа на фасадата, која ќе ѝ даде на куќата својот завршен изглед и топлина. Целта е за десетина дена куќата да биде целосно затворена и оспособена за вселување.

„Сѐ се одвива според планот –откриваат и работниците, и се е лесно кога се работи со љубов, професионалност и силна желба ова семејство да го добие домот што го заслужува.

Следните фази опфаќаат поставување на покривната конструкција, инсталации, прозорци и врати, како и финални внатрешни работи., а потоа и да се заврши со фасада, која ќе ѝ даде топлина, убавина и трајност на ова ново семејно гнездо.

На сите убави случувања и надежи, ни се приклучи и една вест која уште повеќе нè израдува – по вселувањето во новиот дом, Ѓоко веќе го чека и нова шанса за подобар живот. Во месец август, откако конечно ќе се пресели во својата куќа, ќе го очекуваат и две важни операции на очите во Државната болница за очни болести.“

Благодарение на заложбата на доктор Кристијан Дума, Ѓоко веќе има закажани термини за хируршки зафати кои ќе значат спас за неговиот вид, и можност повторно да го гледа светот околу себе.

Оваа куќа не е само покрив над глава – таа претставува нов почеток, светлина и надеж за еден човек кој со години чекал на правдата и човечноста да му тропнат на врата. А сега, благодарение на сите вас – тие конечно пристигнаа

И, како што постојано велиме хуманоста не е обврска, туку избор на срцето. Таа не се мери со тоа колку имаш, туку колку си подготвен да дадеш, дури и кога имаш малку. Во светот што брза, добрината е таа што остава најдлабоки траги.