Во денешната емисија на „Срце на дланка“ ја носиме приказната која ги допре срцата на илјадници. Приказна за болка, но и за надеж. За една трошна куќа, високо во село Мартинце кај Крива Паланка, каде животот ги оставил децата сами – среде ноќ, без светло, без храна и без сигурност.
Самохраниот татко Игор Младеновски со години се бори сам да ги изведе своите деца на прав пат. Неговите прсти се испукани од студ, изранети од работа, и во нив е испишан целиот тежок пат по кој чекори – со главата горе, но со срце полно болка. Откако мајката ги оставила сами среде ноќ многу мали целата обврска паѓа врз рамењата на малата Марија.
Најстарата ќерка Марија, уште е дете со детски соништа, но со обврски на мајка. Таа е сестра, чувар и херој на секој ден. Децата пешачат еден час – гладни, во мокра облека – само за да стигнат до училиштето. А нивната единствена желба е да се преселат во градот. Да добијат шанса за достоинствен живот. Да не се срамат повеќе од куќата која не е дом, туку споменик на сиромаштијата.
Кога во нашето студио гостуваше социјалниот работник од Министерството за труд и социјална политика – раководител за социјални грижи – го даде своето ветување. Рече: „Овие деца нема веќе да страдаат.“
И, го исполни. Со цело срце, со надчовечки напори и со емпатија што не се учи – се добива со душа. Откако ја погледнала сторијата, не можела веќе мирно да спие. И токму таа жена денес нè враќа назад во Мартинце. Екипата во селото е по втор пат – но овој пат не со тага и сожалување, туку со радост.
Денес сме тука за да им соопштиме на Марија и на нејзините браќа дека болката веќе завршува. Дека студот, гладот и срамот остануваат зад нив. И дека лошиот живот досега е само минато.
-Не можам да поверувам дека ми се исполни сонот. Нема повеќе шума, страв, студ и сиромаштија.Сега ќе бидеме како другите деца-вели Марија низ солзи.
И, нејзиниот татко во неверување дека конечно ги обезбедил децата вели:„Сега срцето ми е на место. Веќе нема да ги мислам каде се, како се, дали поминале низ шумата, дали ги нападнало некое животно и дали се безбедни. Конечно и ние ќе бидеме како секое семесјтво„.
Од денес децата и нивниот татко имаат свој дом. Од утре ќе имаат и безгрижно детство. Радоста на нивните лица, неверувањето во нивните очи, прегратките што траеа додека бевме таму, а ќе траат вечно, се најсилниот доказ дека хуманоста постои. И дека кога човек сака – може да промени нечиј живот засекогаш.
И денес докажуваме дека „Хуманоста не е дарба, туку избор. Избор да не бидеш рамнодушен. Избор да бидеш нечие срце, додека светот е ладен.“



