Елена Небиова сигурно кога се родила и ѕвездите за неа плачеле. Зашто ниту едно дете не е природно да пати и копнее по родителска љубов. За жал таа го доживува најцрното детско сценарио и на две години била оставена од мајката. Следните десет години била тепана и малтретирана од маќеата и сопствениот татко, но, лузна ќе и остави периодот кога ќе наполни тринаесет години и од нив ќе биде избркана на улица. Сама и беспомошна Елена единстен излез бара во мажењето.
-Имав многу тежок живот. Кога сум била бебенце мојата биолошка мајка се откажала од мене. Татко ми веднаш донел друга жена, која заедно со него ме тепаа и малтретираа се додека еден ден не ме исфрлија од куќата во која сум се родила. Тогаш имав само тринаесет години. И, можеби спиењето кај другарки и каде ќе стигнев беше полесно и поиздржливо од теророт што тие години ги трпев во родната куќа. И ден денес имам трауми и кошмари за тоа што ми се случуваше таму. Најубавиот ден во мојот живот дефинитивно е денот кога се запознав со сопругот, кој иако е друга вера ме прифати, се засакавме и одлучивме да создадеме семејство- со насолзени очи започнува да ја раскажува Елена својата тажна животна сторија.
-Елена дојде во оваа куќа уште на петнаесет години. Имала тешко детство и јас ја прифатив како моја. Повеќе ја сакам од ќерка ми и синот. И, многу ми е жал што вака се мачи. Жал ми е за децата што молат за храна. Малите ми бараат супа, а, јас немам ниту тоа да им сварам. Не ми се живее. Иако сум имала тежок живот, од ова потешко нема. Да ги гледаш децата како ги боли стомаче и глава зашто немаат што да јадат. Тие играчки не побарале. Ама манџичка и лепче бараат. Плачат. Не сме способни малиот ниту во училиште да го пуштиме. Ги гледа во уста другите деца како јадат, а, тој нема ништо. Немаме ниту пет денари да му дадеме. Секој се радува на новиот ден, а, јас плачам кога ќе се раздени. Не сакам и не можам повеќе да живеам. Сакам да се убијам за да не гледам како ми се мачат децата- вели Ајше, свекрвата на Елена.
Очигледно само љубовта не е доволно за животот да биде убав и безгрижен. Па, иако Елена и Ернест имаат меѓусебно разбирање и почит, сепак беспарицата и сиромаштијате е единствената рампа во нивниот несреќен живот. Ова семејство иако има дом нема мебел во домот, иако има деца нема храна за истите. Поради сиромаштијата за да не ги гледа другите деца во класот, најголемиот син пред 4 месеци биле принудени дури и да го отпишат од училиште.
Оваа млада мајка, иако, го дои бебенцето знае и со денови да биде гладна, само за децата да остане леб. Ако има брашно замесува еден леб кој го јадат со вегета. За семеен ручек можеби ова семејство ќе дознаеше од телевизија, доколку телевизор не позајмуваа од соседите од време на време. Како луѓе со топла вода од бојлер не се избањале од кога се родени, а, фрижидер не вклучиле зашто и онака во него немаат што да стават. Затоа оваа мајка се моли за помош само за да обезбеди поубава иднина на децата од нејзината
-Со сопругот сум заедно веќе седум години. Прекрасен е со мене, ме сака, ме почитува. Исто и неговата мајка ме сака како да сум и родена ќерка. Како што треба да сака мајка. Но, за жал многу сме сиромашни. Најзагрозени сме во селото. Секој ден ми е тежок, ама деновите пред да ја земеме социјалната помош мислам дека се долги како векови. Децата ми плачат. Сакаат храна. А, јас немам. Па, ако имам малку браашненце ќе замесам едно лепче и ќе им дадам да јадат така сув леб со вегетичка. Ќерка ми кога гледа храна се моли на Господ што и овозможил тој ден да не заспие гладна. Ако дома немам ништо, принудена сум да одам по комшии за да испросам некое зрна грав или тарана. Моите деца не бираат храна, само плачат кога се гладни. Сите овие години спиеме на под. Постилам еден сунѓер и со децата спиеме на земја. А, маж ми на еден скршен кревет што ни го дадоа едни соседи. Тој не се пушта. И бремена спиев на под. Немам ниту плакар, сите алишта ми се на куп така. Немам каде да ги наместам. Немам ниту фрижидер. Не знам ни како изгледа фрижидер што работи. А, немаме ни бојлер. Топлам вода и се бањаме со тенџериња. Немам пелени ниту за бебето. Ако ми даде некоја комшика што има бебенце таа една му ја ставам навечер. А, преку ден го замивам малото. Или свекрва ми прави од стари алишта па, ги користам како замена за пелени. Не сакам ништо. Со малку ќе бидам задоволна. Само некој плакар, кревет за да можат децата да ми спијат како луѓе, фрижидер, телевизор и храна.. Се молам најмногу за храна- ја привршува својата приказна Елена.



